23.08.2018
ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА РАБОТОДАВАЧИТЕ ЗА РАСТ НА ПЛАТИ ВО ПОВИСОК ИЗНОС ОД МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
Законски основ
Работодавачите кои ги исполнуваат условите од Законот за минимална плата во Република Македонија, имаат право на финансиска поддршка за исплата на плати во повисок износ од минимална плата за период од месец јули 2018 до месец декември 2019 година.
Износ на финансиска поддршка
Финансиската поддршка се обезбедува за работодавач кој во претходната година имал трошоци за вработените (плати, надоместоци, даноци за платите и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување) во износ повисок од 50% од вкупните расходи, според податоците од завршната сметка доставена во Централниот регистар на Република Македонија, освен работодавач од јавен сектор и работодавач кој врши дејност од јавен интерес.
Финансиската поддршка по работник изнесува 30% од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во месеците октомври, ноември и декември 2017 година, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно. За бруто плата се смета пресметаната бруто основица од Месечната пресметка за интегрирана наплата.
Начин на пресметка на просечна бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември 2017
Пресметката на просечниот износ на бруто плата во октомври, ноември и декември 2017 заклучно со 31.12.2019 година, се врши за лицата кои биле во работен однос кај работодавачот во сите три месеци, како и за месецот за кој се бара финансиска поддршка. Висината на платата на работникот кој работи со скратено работно време или остварува помалку или повеќе работни часови од полното работно време, се пресметува сразмерно на бројот на остварените работни часови.
Барање за финансиска поддршка
Барањето за обезбедување на финансиската поддршка работодавачите го изразуваат преку пополнување на шифра во пресметките за плата за вработеното лице за кое бараат финансиска поддршка.
За барање за користење на финансиска поддршка, внесете ја шифрата 402 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер (преземи нова верзија http://ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81).
Услови за обезбедување на финансиска поддршка
Работодавачот за обезбедување на финансиската поддршка треба да ги исполнува следните услови:
-работодавачот во месеците октомври, ноември и декември 2017 година на работникот да му исплатил просечна бруто плата до 26.250 денари;
– работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход за вработеното лице за кое бара финансиска поддршка;
– работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно член 477, 477-а , 552-а и 552-б од Законот за трговските друштва и
– работодавачот да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската поддршка.
Известување на работодавачот за правото на финансиска поддршка
Во Декларацијата за прием, работодавачот кој за вработеното лице ги исполнува условите од членот 5-а од законот и условите од член 5-б став (1) алинеја 1, 2 и 3 од законот, ќе се генерира известување дека се исполнети условите од законот, за обезбедување на финансиска поддршка. По истекот на месецот за кој се обезбедува финансиска поддршка, ќе се провери дали работодавачот ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската поддршка. Доколку и овој услов е исполнет, на работодавачот ќе му се исплати финансиската поддршка.
Доколку работодавачот не ги исполни условите од законот, во Декларацијата за прием ќе се генерира предупредување со порака кој услов од законот работодавачот не го исполнува. Декларацијата за прием нема да биде одбиена поради предупредувањето, туку истото служи за информирање на работодавачот дека нема да следи исплата на финансиска поддршка.
Исплатата на финансиската поддршка
Финансиската поддршка се остварува по исплата на платата за месецот за кој се обезбедува финансиската поддршка. Исплатата на финансиската поддршка се врши преку Министерството за труд и социјална политика.
Обврски на работодавачот – корисник на финансиска поддршка
Работодавачот кој ќе добие финансиска поддршка е должен да го задржи на работа работникот за кој добива поддршка минимум една година по завршувањето на поддршката. Во спротивно работодавачот е должен да го врати износот на добиената финансиска поддршка, во рок од 30 дена од денот на одјавување на работникот за кој добивал поддршка, освен во случај на остварување на право на пензија, престанок на работниот однос по вина или волја на работникот или смрт на работникот.
НАПОМЕНА: Сите работодавачи кои ја исплатиле платата за месец 07/2018 година, а не побарале обезбедување на финансиска поддршка истото може да го сторат со поднесување на исправка (103) само за вработените лица за кои бараат обезбедување на финансиска поддршка. Барање за финансиска поддршка може да се поднесе само од работодавачи – правно лице или самостоен вршител на дејност, во конечна пресметка или во исправка на пресметката, односно не се опфатени аконтативни пресметки.